Пораснаа цените на златото, среброто, платината

82

Цените на златото пораснаа на светските берзи поради стравувањата од ескалација на конфликтот на Блискиот Исток, што ги поттикна инвеститорите да го пренасочат капиталот кон сигурни средства.
На пазарот цената на физичкото злато се зголеми за 0,5 отсто во текот на утрото, на 2.038 долари за унца, продолжувајќи ја нагорната траекторија што го одржува над нивото од 2.000 долари речиси еден месец.

На фјучерс пазарот во САД златото поскапе за 1,2 отсто, на 2.042 долари, пренесува Хина.

„Цената на златото расте поради актуелниот геополитички конфликт на Блискиот Исток. И покрај тоа што стапката на инфлација во САД ги надмина очекувањата, цените на златото денеска закрепнаа и веројатно ќе пораснат дополнително“, рече Кунал Шах од Nirmal Bang Commodities во Мумбаи.

САД и Велика Британија нападнаа цели поврзани со Хутите во Јемен, а Саудиска Арабија повика на воздржаност.

Во такви услови поскапеа и среброто, за 0,7 отсто, на 22,91 долар за унца. Цената на платината порасна за сличен процент, на 920,42 долари. Паладиумот забележа најмал раст, од 0,2 отсто, на 990,25 долари, покажуваат податоците на берзата.