Порше и Дојче Телеком сакаат да инвестираат во воената индустрија

„Порше Автомобил Холдинг“ и „Дојче Телеком“ се во преговори да бидат водечки инвеститори во нов фонд за ризичен капитал фокусиран на европски компании за одбранбена технологија, кој се стреми да собере 500 милиони евра (586 милиони долари).

Новиот фонд ќе го води DTCP, инвестициска фирма со седиште во Хамбург, која порано беше дел од „Дојче Телеком“ сè додека не се одвои пред една деценија, изјавија внатрешни извори за „Блумберг“. Големината и составот на фондот сè уште би можеле да се променат, велат тие.

Порше, холдинг компанијата на семејството милијардери што ги контролира производителите на автомобили Порше и Фолксваген, претходно во среда соопшти дека основа фонд за инвестирање во одбранбената индустрија, надевајќи се дека ќе го искористи порастот на европските воени трошоци. За да го стори тоа, компанијата го укина претходниот услов дека може да инвестира само во компании што развиваат технологија со двојна употреба, со цивилни и воени апликации.

Инвеститорите во ризичен капитал во Европа сè повеќе инвестираат во одбраната откако континентот издвои стотици милијарди евра за вооружување, поттикнато од војната во Украина и сомнежите за посветеноста на САД кон НАТО.

Инвестициските фирми, вклучувајќи ги Лејкстар, Тикехау Капитал и ЦВЦ Капитал Партнерс, собираат пари и формираат тимови за да бараат договори во сектор кој долго време е непопуларен поради етички и деловни ограничувања.

Дури и со новата активност, европските стартапи за одбрана сè уште во голема мера се потпираат на финансирањето од САД за раст, делумно затоа што регулативите за инвестирање во оружје традиционално го спречуваат приливот на капитал во секторот. Тоа почнува да се менува, бидејќи јавните финансиски институции како Европскиот инвестициски фонд и КфВ неодамна ги олабавија своите правила.