
Луксузниот бренд на „Фолксваген“, „Порше“, кој се соочува со проблеми, во средата ја намали својата целна годишна профитабилност по трговскиот договор на ЕУ со американскиот претседател Доналд Трамп и објави загуба од 400 милиони евра (462 милиони долари) поради царините во првата половина од годината.
Товарот на царините за увоз на автомобили во Соединетите Американски Држави само ги зголеми проблемите на „Порше“, бидејќи тој е подложен на скапо реструктуирање, а воедно се справува со слабоста на својот клучен пазар Кина и бавниот премин кон електрични автомобили.
„Продолжуваме да се соочуваме со значителни предизвици низ целиот свет. И ова не е бура што ќе помине“, рече извршниот директор на „Порше“, Оливер Блумe.
Земајќи ја предвид новодоговорената царина од 15% од 1 август, германскиот производител на автомобили очекува групна продажба оваа година во опсег од 37 до 38 милијарди евра, во согласност со претходната прогноза, и поврат на продажбата помеѓу 5 и 7%, што е намалување од претходно очекуваните 6,5-8,5%.
Контрамерки како што се прилагодувања на цените се вклучени во прогнозата, бидејќи „Порше“ се обидува да ја ублажи штетата, соопшти компанијата.
Податоците на групацијата објавени минатата недела покажаа дека оперативната добивка на „Порше“ се намалила за 91% на годишно ниво во вториот квартал, на 154 милиони евра.











