Порше размислува за враќање во воената индустрија

Германскиот автомобилски гигант Porsche SE размислува за враќање во воената индустрија. По загубата од вртоглави 20 милијарди евра во 2024 година, холдингот  кој има сопственички удел во групацијата Фолксваген и производителот на автомобили Порше бараат излез од кризата во тенкови, беспилотни летала и воена технологија.

Според информациите на германскиот специјализиран портал Esut, Porsche SE веќе ги направил првите чекори кон враќање во одбранбениот сектор, но не со развој на сопствени системи, туку со инвестирање во други компании. Веќе се инвестирани неколку милиони евра во германскиот стартап Quantum-Systems, кој произведува автономни дронови наменети за воени корисници. Наводно за вакви стратешки инвестиции се подготвени и до две милијарди евра.

Овој потег доаѓа во контекст на драматични промени на глобалниот автомобилски пазар. Кинеските производители на автомобили силно ја потиснуваат европската конкуренција со попристапни цени и напредна технологија. Porsche заедно со Volkswagen бележи огромни загуби, а раководството на холдингот јасно верува дека враќањето во воената индустрија може да биде нова можност за опстанок и профит.

Интересно е што Porsche не е комплетен новодојденец во овој сектор. Уште во педесеттите години на минатиот век, компанијата  Dr. Ing. h.c. F. Porsche GmbH учествуваше во развојот на германскиот тенк Leopard 1, поточно неговиот систем за шасија. Тенкот официјално стапи во употреба во 1963 година и стана клучна компонента на Бундесверот.

Порше тогаш се обиде да понуди сопствен теренец за потребите на тогашната млада западногерманска армија – моделот Porsche Type 597. Иако технички беше супериорен во однос на конкуренцијата, сепак поевтиниот DKW Munga победи во конкуренцијата.

Во уште помрачна епизода од својата историја, за време на Втората светска војна, Порше работеше на познатото нацистичко „чудесно оружје“ (Wunderwaffe), вклучувајќи го и монструозниот супертенк Panzer VIII Maus, кој никогаш не беше целосно развиен.

Во современиот контекст, се чини дека ниту една голема европска индустриска групација не го исклучува воениот сектор како потенцијален извор на раст. Од Фолксваген, во кој Порше СЕ има 31,4 отсто сопственички удел, неодамна пристигна изјавата на директорот Оливер Блуме дека компанијата „може да помогне во зајакнувањето на европските одбранбени капацитети“ нудејќи консултантски услуги за развој и поддршка на воени возила.

Фото: Pixabay