Порше собра 9,4 милијарди евра на берзата во Франкфурт

Германскиот производител на луксузни спортски автомобили Порше денеска стана дел од берзанскиот индекс DAX, откако на крајот на септември дебитираше на берзата во Франкфурт, јавува германската новинска агенција ДПА. Нејзиниот сопственик, Фолксваген, собра речиси 9,4 милијарди евра преку првичната јавна понуда на акциите на Порше.

Ова го направи дебито на Порше на берзата најголемо во Германија од првото емитување на акциите на телекомуникацискиот гигант Дојче Телеком во 1996 година. Почетната цена на акцијата беше 82,50 евра, но до утринава порасна на 95,34 евра.

Индексот DAX ги комбинира 40-те најдобри германски компании чии акции котираат на берзата во Франкфурт. Акциите на компанијата со седиште во Штутгарт, која е во сопственост на Фолксваген, почнаа да котираат на берзата во Франкфурт на крајот на септември.