Португалија одобри пакет мерки од 4,2 милијарди евра за справување со инфлацијата

38

Владата на Португалија одобри пакет од 2,4 милијарди евра за надминување на инфлаторниот притисок и за справување со енергетската криза.

Мерките насловени „семејството на прво место“ беа одобрени на состанокот на Советот на министри, со кои вкупната сума што државата ја доделува како поддршка на семејствата за оваа година достигна околу четири милијарди евра.

Премиерот Антонио Коста доцна синоќа најави дека следуваат и мерки за поддршка на бизнисите.

Одобрениот пакет мерки вклучува намалување на данокот на додадена вредност на електрична енергија од 13 на 6 проценти од октомври најмалку до крајот на 2023 година, еднократна исплата од 125 евра за секој граѓанин што заработува до 2.700 евра месечно и вонредна исплата од по 50 евра за секое издржувано дете на возраст до 24 години.

Пензионерите ќе добијат еднократна исплата од 50 отсто од месечната распределба, со најава за покачување на пензиите наредната година до 4,4 проценти.

Пакетот уште предвидува замрзнување на цените на сезонските билети во јавниот превоз и на возовите во текот на наредната година, како и ограничување на поскапувањето на кириите на два проценти.

Некои од претходно воведените мерки, вклучително попустите за горива и суспензијата на данокот за јаглерод, остануваат на сила до крајот на годината.

Португалскиот премиер рече дека мерките нема да ги загрозат зацртаните цели на неговата Влада, како што се зајакнувањето на здравствениот систем и намалувањето на јавниот долг.

Според него, војната во Украина тешко ја погодила земјата чии последици ги чувствуваат сите 10,3 милиони Португалци.