Фото: Pixabay
Португалскиот претседател Анибал Кавако Силва во својот новогодишен говор изјави дека овогодишниот контроверзен буџет ќе го прати пред Уставен суд. Според него, судот треба да изврши ревизија на буџетот усвоен кон крајот на ноември, затоа што не е фер кон сите граѓани и некои ги погаѓа повеќе од другите.
Ова е втор пат во историјата на Португалија претседател да се одлучи на ваков потег, а одлуката на Кавако Силва изненадува дотолку повеќе што ја најави само еден ден откако го потпиша контроверзниот буџет и со тоа го претвори во закон, пишува BBC.
Од буџетот не се задоволни опозиционите социјалисти, кои веќе ја доведоа во прашање правилноста на зголемување на даноците и се заканија дека ќе бараат мислење од Уставниот суд.
Но, и покрај сопствените сомневања и барања на опозицијата да стави вето на буџетот, Кавако својата одлука да потпише ја оправдува со тоа дека го сторил ова за да биде повлечен најважниот инструмент во економската политика, а последиците на меѓународен план би биле крајно негативни.
Владата на десниот центар со буџетот предвиде зголемување на даноците без преседан, кои кај повеќето вработени Португалци ќе изнесуваат повеќе од една месечна плата. Притоа, Владата тврди дека овие мерки се потребни за да може Португалија да ги исполни условите за добивање меѓународна помош.
Португалија во 2011 година доби финансиска помош од 78 милијарди евра од Европската централна банка, Меѓународниот монетарен фонд и Европската унија. За возврат, Лисабон мора да го намали дефицитот во буџетот од 5% во 2012 година на 4,5% во 2013, се до 3% во 2014 година.