Поскапе гасот во Европа – 1.770 долари за 1.000 кубни метри

73

Гасот во Европа поскапе денеска за повеќе од 3,5 отсто на нешто над 1.770 долари за 1.000 кубни метри, покажуваат податоците на лондонската берза ICE.

Цената на гасот за испорака во август (фјучерс договори) во холандскиот центар ТТФ порасна на 1.772 долари за илјада кубни метри, или 171 евро за мегават-час (MWh) по тековниот курс на еврото во однос на доларот, пренесува Тасс.

Претходниот ден, цената на гасот во Европа падна за речиси 12 отсто на годишно ниво, откако Канада во текот на викендот објави одлука за враќање на ремонтната турбина за гасоводот Северен тек 1 на германски Сименс.

Испораките на гас преку гасоводот Северен тек 1, кој е главна рута за извоз на руски гас во Европа, беа прекинати на 11 јули на десет дена поради планираното годишно одржување.

Од средината на јуни, искористувањето на максималниот капацитет на тој гасовод беше намалено на околу 40 отсто, бидејќи филијалата на Сименс во Канада го одложи враќањето на единиците за гасни компресори по ремонт поради канадските санкции против Русија.

Транзитната линија низ Украина во моментов е единствената рута за снабдување на земјите од Западна и Централна Европа со руски гас, поради тековните работи на Северен тек 1.