Поскапеа трошоците за живот во декември, во споредба со ноември 2013 година

8

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот, мерен преку цените на стоките и на услугите за лична потрошувачка, во декември 2013, во однос на ноември 2013, изнесува 100.3, а во однос на декември 2012 изнесува 101.4.
Анализирано по главни групи, според намената на потрошувачката, во декември 2013, во однос на ноември 2013, пораст на индексите е забележан во групите: Храна и безалкохолни пијалаци и Транспорт за 0,5%, Рекреација и култура и Останати стоки и услуги за 0,3%, Здравје за 0,2%, Облека и обувки и Домување, вода, електрика, гас и др. горива за 0,1%.
Намалување на индексите на трошоците на животот е забележано во групите: Ресторани и хотели за 0,6%, Алкохолни пијалаци, тутун и Мебел, покуќнина и одржување на покуќнина за 0,2%.
На ниво од претходниот месец останаа индексите во групите Комуникации и Образование.