Поскапуваат одредени деловни пакети на Microsoft

31

Microsoft ги зголемува цените на популарните пакети производи за одредени услуги на некои верзии на Microsoft 365, за 10 до 25 проценти.

Овој потег е првата „значајна“ промена на трошоците што компанијата ја спроведе од лансирањето на Office 365 пред една деценија, беше објавено во четвртокот. Софтверскиот гигант додаде повеќе од дваесет нови апликации во својот пакет производи од своето прво лансирање, вклучително и Teams, алатка за соработка на работното место, која стана популарна за време на пандемијата.

„Овие ажурирани цени ја одразуваат зголемената вредност што им ја доставивме на нашите клиенти во изминатите 10 години“, рече Џаред Спатаро, корпоративен потпретседател за Microsoft 365. Промената ќе стапи на сила на 1 март 2022 година и нема да вклучува едукативни и производи за широка потрошувачка.

Различни пакети ќе доживеат различно зголемување на цената. Планот за Microsoft 365 Business Basic ќе скокне за 20 проценти до шест долари по корисник, додека врвната верзија на пакетот ќе доживее скок до 36 долари по корисник од 32 долари, пренесе Блумберг.

Microsoft го оправда овој потег со истакнување на три клучни области во кои напредуваа неговите производи: комуникација и соработка, безбедност и усогласеност, вештачка интелигенција и автоматизација. Компанијата, исто така, објави дека додава неограничени опции за повикување на Teams, за да им овозможи на корисниците да се приклучат на состаноци буквално од секој уред, без оглед на локацијата.

Акциите на Microsoft пораснаа во четвртокот за два проценти, достигнувајќи рекорден дневен максимум од 297,35 долари.