Последен пат војуваше пред 200 години, а ќе потроши милијарда франци на борбени авиони

225

Швајцарија, земја којашто последен пат војувала со некоја странска воена сила пред повеќе од 200 година и нема непријатели, планира да потроши милијарди франци за нови борбени авиони.

Многумина се противат на ова, истакнувајќи дека една неутрална земја не треба да троши толку многу пари на најмодерни авиони за заштита на својата територија која суперсоничен млазен авион може да ја прелета за само 10 минути.

“Кој е нашиот непријател? Тој напаѓа мала, неутрална земја која е опкружена со земји од НАТО Алијансата? Тоа е навистина апсурдно“, се прашува Приска Зилер Граф, пратеничка од таборот на социјалдемократите во швајцарскиот Парламент.

Гласачите за тоа ќе се изјаснат на 27-ми септември. Одобрувањето на планот на обврзувачкиот референдум ќе ѝ овозможи на владата идната година да избере помеѓу Eurofighter, Dassault Rafale, Boeing F/A-18 Super Hornet или F35-A Lightning II на Lockheed Martin.

Авионите ќе ја заменат швајцарската флота на стари авиони од типот F/A-18 Hornet кои во 2030-та година се повлекуваат од употреба.

Зилер Граф вели дека има поевтини авиони од наведените, како што е борбената верзија М346 на Leonardo.

“Потребни ни се нови авиони, тоа не е спорно. Но, потребни ни се полесни и поедноставни авиони кои би биле доволни. Би било подобро да имаме Фиат отколку Масерати“, изјави Граф.

Сепак, експертот за испитување на јавното мислење Лукас Голдер од агенцијата GFS.Bern изјави дека гласачите најверојатно ќе го поддржат владиниот план за купување на авиони.

Фото: Pixabay