Постапката за регистрирање домени ќе биде либерализирана

24

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и директорот на МАРНЕТ Сашо Димитријоски, по денешната средба најавија дека постапката за регистрирање домени ќе биде олесната преку воведување систем на регистрари кои ќе овозможат либерализација на пазарот.

Од сега па натаму, освен преку Македонската истражувачка мрежа МАРНЕТ, на граѓаните ќе им биде овозможено да регистрираат домени и кај оние компании кои ќе ги исполнат условите да станат регистрари.

Како што истакна Ивановски, со либерализацијата на домените, компаниите што се заинтерсирани да станат регистрари, во наредните неколку недели ќе можат да се пријават во МАРНЕТ.

“Со регистрарите ќе се воведе и нов пазар во Македонија со конкуренција, а дополнителните услуги што ќе ги нудат ќе бидат апсолутно по нивен избор за да може да привлечат што поголем број граѓани да регистрираат електронски домени”, посочи Ивановски.

Кога пред две години МАРНЕТ почна да работи како независна институција броеше само 19.000 регистрирани домени. Денес таа има 35.500 регистрирани домени под доменот .мк.

Директорот на МАРНЕТ, Сашо Димитријоски, изјави ќе биде донесен нов правилник со којшто ќе се отстранат многу од ограничувањата што досега постоеја. Во однос на цената таа останува непроменета, а воедно е и една од најниските во светот.