Поставете си ги овие прашања на крајот на годината

148

Пред прагот сме на Новата година, па нормално е да направиме ретроспектива на сето она што го оставаме зад нас. Без разлика дали се работи за приватниот или професионалниот живот, убаво е да ги пронајдете одговорите на овие прашања, за да можете со мирна совест и убави мисли да ја почнете новата година.

Што научив оваа година?

Секоја година е само еден “бисер“ во низата што прави луѓето да бидат помудри, полни со животно искуство, решени предизвици, надминати премрежја. Секој од нас учи додека е жив, па убаво е да резимирате што научивте оваа година. Можеби совладавте некоја нова вештина на работа или пак научивте некоја животна лекција што ќе ве направи подобар човек.

Што ми предизвика најголема среќа?

Среќата е релативна за секој од нас, но е цел кон која тежнееме. Некој е среќен со работата, на друг насмевка на лицето му измамува семејството, трет сака патувања, а некој, пак, смислата на животот ја бара во нешто сосема друго. Без оглед на тоа што го доживеавте, имајте на ум дека малите работи се искра за вистинска среќа. Не очекувајте да ви се случи нешто големо за да бидете среќни, бидејќи така или многу ретко или никогаш нема да бидете исполнети. Учете да се радувате на обичните работи, исто како малите деца.

Кој е мојот најголем успех?

Секој од нас напорно работи, се труди, тежнее кон одредена цел, па нормално е да се израдуваме на успесите што ги постигнавме. Унапредување на работа, купување нов дом, патување со семејството, добро завршен проект… ова можат да бидат работи што со гордост може да ги истакнете како личен успех и со право да се гордеете.

Во што не успеав оваа година?

Колку што вреди да се радуваме на успесите, толку е природно и да бидеме свесни за оние работи коишто не успеавме да ги реализираме. Треба да сфатиме дека некои работи не зависат само од нас, па не треба тој вид на неуспех да го сфаќаме премногу лично. Неуспесите се составен дел од животот, од нив не треба да се срамиме, туку да се трудиме да не ги повториме и да научиме како да извлечеме поука.

За што (не)треба да жалам?

Единствено нешто за што не треба да жалите во животот е да го трошите времето на луѓе и работи што ви се при срце. Една испуштена прилика на работа, не значи крајот на светот, бидејќи на следниот агол можеби ве чека нешто многу поголемо и подобро. Не очајувајте ако оваа година не успеавте да го проширите бизнисот, ако повеќе време сте поминале со семејството и пријателите. Ете новата година нека биде нова можност и книга со празни листови што допрва ќе ја испишувате со голема гордост. Можеби сте пропуштиле некаква важна обука, состанок или зделка со бизнис партнерите, па жалите за пропуштената прилика.

Фото: Pexels