Постигнат договор: Спутник V ќе се произведува во Србија

64

Рускиот Фонд за директни инвестиции (РДИФ) и српскиот Институт за вирологија, вакцини и серуми „Торлак“ објавија дека постигнале договор за производство на руската вакцина против коронавирус Спутник V во Србија. Производството во погоните на Торлак може да започне до мај, пренесе Танјуг.

Србија ќе биде првата земја во Југоисточна Европа што ќе ја произведува вакцината Спутник V, а подоцна ќе може да се извезува во соседните земји, се вели во соопштението.

Директорот на РДИФ, Кирил Димитријев, ѝ се заблагодари на Владата на Србија за континуираната поддршка и доверба во Спутник V.

“Србија е меѓу првите земји во светот што ја одобри Спутник V и ја користи вакцината за да го заштити населението од коронавирусот. Производството на руската вакцина во Торлак ќе обезбеди полесна логистика и ќе помогне во забрзувањето на програмата за вакцинација на земјата”, рече Димитријев.

Министерот за иновации и технолошки развој, Ненад Поповиќ, меѓу другото, рече дека производството на вакцината Спутник V во институтот Торлак ќе ги зајакне капацитетите на Србија да се бори против пандемијата на коронавирус и ќе отвори нови перспективи за дистрибуција на вакцината во Југоисточна Европа.

Фото: Facebook