Постигнувањето на целите за одржлив развој ќе придонесат за повисок квалитет на живот и подобар животен стандард

12

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со постојаната координааторка на ОН агенциите во Северна Македонија, Росана Дуџак, учествуваше на настан на здружението Конект, на кој беа доделени признанија на поединци, компании и бизнис лидери за придонесот кон остварувањето на Целите за одржлив развој.

Вицепремиерот Битиќи ја поздрави иницијативата на здружението Конект и изрази задоволство што целокупното општество се повеќе ја разбира важноста и ја подигнува свеста за значајноста на постигнувањето на седумнаесетте цели за одржлив развој, дефинирани со Агендата 2030 на ООН.

“Несомнено е дека токму ваквите иницијативи го мотивираат приватниот секторот се повеќе да се ориентираат кон работа која позитивно влијае на општество и допринесува за остварување на овие цели. Искоренување на сиромаштијата и гладот, квалитетното образование, родовата еднаквост, чистата вода и околина  и чистата енергија, намалената нееднаквост, достоинственото вработување и економскиот раст, иновацијата и одржливата заедница, борбата за справување со климатските промени, подобриот живот на копно и под вода, одговорната потрошувачка и производство, мирот и правдата како и партнерствата за постигнување на целите, се наше заедничко мото и база, според која мораме да ги ориентираме нашите приоритети, нашиот систем и начинот на којшто го градиме нашето општество”, посочи  вицепремиерот.

Битиќи нагласи дека Владата на Република Северна Македонија е посветена на менување на општество кон подобро со залагањето за зелена иднина, кое се гледа преку константното  инвестирање во енергетика и обновливи извори на енергија, како еден од главните државни приоритети.

“Донесени се  стратегии за енергија, енергетска ефикасност и обезбедување стабилност во снабдувањето со енергија за сите. Минатиот месец го преставивме и Интервентиот план за инвестиции 2021-2027 кој предвидува инвестиции од 8 милијарди и 175 милиони евра, и вклучува јавни и приватни инвестиции, во кохезија со сегашните и идните стратегии за економски раст на земјата.  Планирани се инвестиции во повеќе сектори, но најголеми инвестиции или 3,144 милијарди ЕУР се инвестиции во секторот енергетика – или речиси 40% од целокупната вредност на интервентниот план, што само ја потврдува нашата заложба. Со овој обем на инвестиции нашата држава ќе биде во чекор или можеби и понапред од европските земји во адаптацијата кон Just transition”, посочи вицепремиерот.

Тој се осврна и на Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување, кој во 2021 година е со рекорден буџет од 25 милиони евра и ќе опфати над 10 илјади лица.

“Преку овогодишен Оперативен план за вработување, кој изнесува 25 милиони евра и со него ќе бидат опфатени 10.279 лица, ја покажавме нашата главна цел – различни ранливи категории на невработени лица, млади лица, жени, лица со попреченост, лица кои ја загубиле работата поради корона кризата, побрзо и полесно да пристапат на пазарот на трудот. Дополнително, ќе биде воведен и принципот на позитивна дискриминација, кој ќе значи поголема застапеност на жените при имплементација на оваа мерка, односно соодносот на жени и мажи крајни корисници на оваа мерка, да биде 60% и 40 %. Новина од оваа година во Оперативниот план за вработување е и исполнување на рамномерниот регионален развој, што целиот план го прави комплетно инклузивен, праведен и правичен”, подвлече Битиќи.

Вицепремиерот информираше и дека е започната првата фаза на креирање на Националната развојна стратегија 2021-2041 која ќе отслика долгорочен консензус за приоритетите на државата, со цел обезбедување на инклузивен, зелен и одржлив развој за сите, а особено за ранливите категории на луѓе.

“Во ова сме заедно, и за да се случи една промена, потребно е вистинско партнерство, потребна е колективна ангажираност и заедничка борба. Затоа, особено ме радува тоа што гледам дека приватниот сектор се повеќе се ориентира кон одржливо работење и придонесување за подобро општество, и ми се допаѓа тоа што иновацијата е се повеќе присутна и што се осмелуваме да се обидеме да ги направиме работите поинаку. Оваа земја е нашиот заеднички дом кој треба да го оставиме на идните генерации, а оваа планета е место за чиј добробит сите делиме иста одговорност”, заврши вицепремиерот Битиќи.