Во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денес беа потпишани договорите за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2012 година.
Истите беа склучени со вкупно 204 корисници, претежно за набавка на примарна земјоделска механизација, односно 175 договори се однесуваат на набавка на трактори, а останатите 29 за приклучна механизација.
Вкупната вредност на оваа инвестиција е околу 135 милиони денари.
Најголем број од барателите се индивидуални земјоделски производители, но меѓу корисниците има и земјоделски стопанства.
Во секторот лозарство склучени се 86 договори, во овоштарството 64, во делот на житните култури 36 договори и 18 договори за индустриски култури.
“Освен оваа механизација која се кофинансира преку Националната програма за рурален развој, исто така се овозможува набавката на механзација да биде возможна и преку програмата ИПРАД за која огласот е во тек”, истакна директорот на Агенцијата, Тони Димовски пред потпишувањето на договорите.