Потрагата по подморницата продолжува, во неа најверојатно е и директорот на компанијата која ја организирала турата

Американски и канадски тимови за пребарување ја продолжуваат потрагата по туристичката подморница која исчезна во неделата во близина на потонатиот брод „Титаник“ во средината на Атлантикот.

Се трага по вода и по воздух, но засега нема траги од подморницата која тргнала во туристичката обиколка на „Титаник“ во неделата по локално време.

Според последните информации кои ги соопшти Американската крајбрежна стража, подморницата која исчезнала еден час и 45 минути по нурнувањето, има кислород за уште четири дена.

Иако властите официјално не идентификуваа ниту еден од петте патници во подморницата, нивните семејства и пријатели почнаа да објавуваат информации, давајќи појасна слика за тоа кој бил на експедицијата.

Си-ен-ен пишува дека еден од петмината патници бил британскиот бизнисмен Хамиш Хардинг – сопственик на компанијата Action Aviation која купува и продава авиони.

Хардинг на социјалните мрежи во саботата објавил дека на патувањето во неделата со него требало да биде и нуркачот Пол Енри Наргеолет. Инаку, Наргеолет во минатото водел неколку експедиции до „Титаник“ и го надгледувал извлекувањето на многу артефакти од потонатиот брод.

Си-ен-ен додава оти на подморницата биле и пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот син Сулејман Давуд, според соопштението објавено од нивното семејство. Шахзада е управник на Институтот СЕТИ, непрофитна организација во Калифорнија.

Објавено, но засега непотврдено, е дека во подморницата е и Стоктон Раш – извршниот директор на компанијата OceanGate Expeditions, која ги организира турите со подморницата.

Компанијата „OceanGate“, чија туристичка подморница исчезна во Атлантикот, пред две години почна да врши обиколки околу потонатиот брод Титаник.

Мини подморницата може да прими пет лица, а цената на турата е 25.000 долари по лице, пишува британски Гардијан.

Турата вклучува осумдневно патување каде секој турист има можност да помине еден ден истражувајќи ја локацијата на потонатиот брод од подморницата.

На веб-страницата на компанијата беше објавено дека експедицијата е планирана од 12 до 20 јуни со најмногу шест патници.

Има 96 часа „животна поддршка“ за петчлена екипа, пишува Би-Би-Си.

Освен за водење на нуркачите до потонатиот брод Титаник,  се користи за истражување и инспекција на локацијата, истражување и собирање податоци, снимање за медиуми.

Фото: Facebook