Од утре, 1 јануари 2014 година, сите производители и увозници на производи кои сакаат да ги продаваат како здрави и хранливи, ќе мора да располагаат со посебна научна студија.
Оваа обврска ја наметнува Правилникот за нутритивни и здравствени тврдења во комерцијални цели при означување, кој е донесен во мај 2013 година, а е во согласност со европската легислатива.
Според Агенцијата за храна и ветеринарство, за околу 80% од производите рекламирани во медимите, не се точни тврдењата дека имаат поголема нутритивна вредност, повеќе калциум, железо, магнезиум, растителни влакна, калории или помалку шеќер.
“Потрошувачите често се изложени на манипулации од овој тип и за да се спречи ова, од утре сите компании, производители и увозници на храна, доколку сакаат да нагласат посебни карактеристики на својот производ ќе мора научно да го докажат нивното тврдење и да добијат одобрение за него од надлежната комисија”, велат од Агенцијата.
На амбалажата на производот не смее да има лажни, двосмислени тврдења, кои на купувачите им сугерираат дека производот има нешто повеќе, само за подобро да се продаде.
“Ако во некој производ вообичаено има витамин Ц, тој не треба да се истакнува како подобар од другите, кои исто така го содржат и со тоа да се атакува врз купувачот. Од друга страна, има производи кои се дефинираат како храна со посебни нутритивни својства зашто во нив навистина се додадени одредени, дополнителни материи, но тоа треба и научно да се потврди”, велат од Агенцијата.
На секое пакување задолжително треба да има упатство, за да не дојдат купувачите до заблуда дека тој производ е лековит или диетален, а воопшто да не е.
Агенцијата за храна и ветеринарство од утре најавува засилени контроли, а оние компании кои нема да го почитуваат Законот за безбедност на храна ќе бидат казнети со глоба од 5.000 евра, а одговорното лице со 2.000 евра.
Македонската бизнис заедница смета дека на овој начин ќе се обезбеди фер и лојална конкуренција.