Потрошувачката на оружје во пандемијата собори рекорди – кој се вооружува најмногу

123

Земјите ширум светот потрошија повеќе од 2 трилиони долари на оружје во 2021 година за прв пат откако Шведскиот институт за меѓународно истражување на мирот (SIPRI) почна да ги следи податоците.

Трошоците за оружје приспособени според инфлацијата се зголемија за 0,7 отсто минатата година на 2,112 трилиони долари, објави SIPRI . Земјите потрошиле повеќе на оружје во двете години од пандемијата, посочува институтот.

„Воените трошоци достигнаа рекордно ниво и покрај економските последици од пандемијата на Ковид-19“, рече Диего Лопес да Силва, постар истражувач во Програмата за воена потрошувачка и производство на оружје на SIPRI.

И покрај повисокиот износ, уделот на воените трошоци во глобалниот БДП падна за 0,1 процентен поен на 2,2 отсто од БДП, бидејќи земјите исто така потрошија повеќе на стимулации за економијата, создавајќи услови за нејзино брзо закрепнување од пандемиската криза.

„Стапката на раст е забавена во реални услови поради инфлацијата. Номинално, воените трошоци се зголемија за 6,1 отсто“, додаде Да Силва.

Најмногу потрошиле САД и Кина

Најмногу за оружје минатата година потрошиле САД, Кина, Индија, Британија и Русија.

Трошоците за оружје на САД паднаа за 1,4 отсто, на 801 милијарда долари, со учество во БДП од 3,5 отсто. Падот, исто така, ги одразува намалените трошоци за истражување и развој, но се чини дека САД сè уште се фокусираат на „технологиите од следната генерација“, забележува SIPRI.

Руските трошоци се зголемија за 2,9 отсто минатата година, на 65,9 милијарди долари, со учество во БДП од 4,1 отсто. Поголемите средства за оружје овозможија повисоки извозни цени на енергијата, а времето се совпадна со подготовките за инвазијата на Украина, забележува SIPRI.

Украина ја зајакна својата одбрана по руската анексија на Крим во 2014 година, зголемувајќи ги трошоците за оружје за 72 отсто. Во 2021 година, сепак, трошоците паднаа на 5,9 милијарди долари, со учество во БДП од 3,2 отсто, пресмета SIPRI.