Повеќе од 40 проценти од јапонските фирми ја отфрлаат вештачката интелигенција

23

Повеќе од 40 отсто од јапонските компании не планираат да воведат вештачка интелигенција (ВИ) во своето работење, покажа денеска истражувањето на Ројтерс, кое го отсликува воздржаното прифаќање на новата технологија во третата светска економија.

Истражувањето беше спроведено за Ројтерс од Никеи Рисрч и постави низа прашања до 506 јапонски компании. Од нив одговориле околу половина, под услов нивните имиња да не бидат спомнати.

Помалку од една четвртина веќе воведоа вештачка интелигенција
Околу 24 отсто од испитаниците рекле дека веќе ја вовеле вештачката интелигенција во бизнисот, а 35 отсто дека планираат да го сторат тоа.

Останатите 41 отсто не планираат да ја воведат технологијата, што покажува различни степени на усвојување на технолошките иновации во корпоративната Јапонија, заклучува Ројтерс. Анкетата е спроведена во периодот од 3 до 12 јули.

На прашањето кои цели сакаат да ги постигнат со употреба на вештачка интелигенција, со можност за повеќе одговори, 60 отсто од испитаниците одговориле дека се обидуваат да го решат проблемот со недостигот на работници. 53 отсто од нив изјавиле дека сакаат да ги намалат трошоците за работна сила. Околу 36 отсто од испитаниците сакаат да го забрзаат истражувањето и развојот.

Меѓу пречките за воведување на вештачка интелигенција во бизнисот, менаџер во транспортна компанија ја наведе „загриженоста кај вработените за можно намалување на бројот на вработени“.

Други бариери вклучуваат недостаток на технолошко знаење, значителни капитални расходи и сомнителна сигурност, покажа истражувањето.