
На крајот на оваа година ќе има повеќе од милион луѓе кои бараат азил во Европската унија, покажуваат податоците на Агенцијата за азил на ЕУ. Германија сè уште е најважната дестинација. На второ и трето место се Франција и Италија.
Вкупниот број ќе биде „ повеќе од милион“ барања, изјави шефот на агенцијата со седиште во Малта, Нина Грегори, за медиумската група „Функе“, пренесе ДПА.
Во октомври имало околу 123.000 пријави, што е најмногу за еден месец во последните седум години.
Вкупно, 27-те земји-членки на ЕУ моментално имаат речиси 450 милиони жители.
Во следните неколку години не се очекува значителен пад на бројот на баратели на азил, рече Грегориева. „Светот е сè понестабилен“, додаде таа. Затоа, потребата за заштита на бегалците нема да се намали во 2024 година, ниту подоцна.
Во ЕУ до крајот на октомври се регистрирани 937.000 барања, што е зголемување за 22 отсто во однос на истиот период лани.











