Повеќе превезени патници преку аеродромите во август

51

Aerodrom Aleksandar Veliki 0109Според статистичките податоци на операторот на македонските аеродроми Александар Велики Скопје и Св. Апостол Павле Охрид, ТАВ Македонија, бројот на превезени патници преку македонските аеродроми во август се зголемил за 20,5% во споредба со истиот месец лани.

Преку скопскиот аеродром патувале 115.023 патници, што претставува зголемување од 23,1%, а охридскиот го користеле 16.463, односно вкупно биле превезени 131.486 патници на двата аеродроми.

Во текот на првите осум месеци од 2013 година во споредба со претходната има зголемување на бројот на патници од 17,5% со вкупно 732.831 превезени патници. Зголемен е и бројот на летови, односно движења на воздухоплови.

Од јануари до август биле реализирани 8.489 операции на воздухоплови што е зголемување од 9,9% во споредба со истиот период од 2012 година. Во август, пак, има значително зголемување од 16,2% во споредба со истиот месец минатата година.

Поголемиот број на патници се должи на воведувањето повеќе фреквенции неделно од страна на Туркиш ерлајнс, Аустриан ерлајнс, Кроација ерлајнс и Флај Дубаи.

За време на летната сезона неколкупати неделно имаше летови до туристичките дестинации Анталија и Измир во Турција со авиокомпаниите Корендон и Сан експрес, како и неколку чартер-летови до Катанија, Сицилија, додека линиите на Визер и понатаму се најпримамливи за патниците.

Најпопуларна дестинација од скопскиот аеродром во август била Истанбул. Следуваат Виена, Цирих, Лондон и Малме. Помеѓу јануари и август, пак, петте најпопуларни дестинации се Истанбул, Виена, Цирих, Лондон и Љубљана. Најмногу патници патувале со Визер, Туркиш ерлајнс, Аустриан ерлајнс, Адриа ервејс и Пегасус ерлајнс.