
Повеќе од една четвртина, или 27,5 проценти, од населението на Европската Унија на возраст од 16 години и повеќе не можеле да си дозволат еднонеделен одмор далеку од дома во 2025 година, објави Евростат.
Европскиот завод за статистика вели дека уделот на граѓани кои не можеле да си дозволат еднонеделен одмор се зголемил за 0,5 процентни поени во споредба со 2024 година, но бил за 7,7 процентни поени помал од пред 10 години, во 2015 година.
Највисок удел на населението кое не можело да си дозволи еднонеделен одмор е забележан во Романија (61,4 проценти), по што следуваат Грција (46,6 проценти), додека Бугарија и Унгарија имале по 39,1 процент.
Спротивно на тоа, најниските удели се забележани во Луксембург (10,6 проценти), Шведска (12,4 проценти) и Холандија (12,8 проценти).
Податоците на Евростат се однесуваат на способноста на домаќинствата да финансираат најмалку една недела годишен одмор далеку од дома, што е еден од индикаторите за материјалните услови за живот на населението.










