
Сопственикот на мал бизнис кој работи повеќе од две децении, со текот на годините развил јасен и повторувачки систем за затворање на деловната година. Иако специфичните детали се менуваат, процесот останува ист: декември е време за преглед на сработеното, поставување цели и подготовка за претстојната година.
Овој пристап се базира на неколку клучни чекори.
Бонуси за вработените
Пред крајот на годината, посебно внимание се посветува на вработените и соработниците кои директно влијаеле на бизнисот. Секој поминува низ евалуација, добива повратни информации и знак на благодарност во форма на паричен бонус. Тоа е дискреционен бонус кој се одредува врз основа на остварената добивка, со принцип дека таа никогаш не треба да биде пониска од претходната година, освен во случај на сериозен пад на бизнисот.
Бонусите сè уште, намерно, се исплаќаат на „старомоден“ начин – преку чек во персонализирана празнична картичка, испратена по пошта. За далечинските соработници, плаќањата се вршат електронски, но сепак се испраќа честитка.
Евалуација на вработените
Со оглед на тоа што бизнисот е целосно виртуелен и дека вработените се распределени низ целиот свет, класичните новогодишни прослави се напуштени. Наместо тоа, пред крајот на годината се одржуваат индивидуални, неформални дискусии со вработените.
Целта е да се обезбедат јасни и конструктивни повратни информации, но и да се дефинираат конкретни цели за следната година – како што се наплатливи часови, приход, квалитет на услугата, завршени проекти или дополнително образование. Така, вработените јасно знаат како ќе бидат оценети и можат да го следат сопствениот учинок.
Деловни подароци
Cе составува список на луѓе на кои треба да им се заблагодариме за нивната соработка во текот на годината – клиенти, потенцијални клиенти, добавувачи, партнери и претставници на медиумите. Најчесто се испраќаат чоколади или пакети со подароци, со ограничен буџет по лице.
Иако овој процес вклучува и финансиски и временски трошоци, се смета дека вреди да се инвестира. Повратните информации се речиси секогаш позитивни, а гестот, иако скромен, ги зајакнува односите и ги потсетува луѓето кои се навистина важни за бизнисот.
Прогноза наместо буџет
Класичен буџет не се прави за мал бизнис, туку секоја година се прави детална финансиска прогноза. Тоа е внатрешен документ што вклучува преглед на трошоците, компензациите, очекуваните приходи и проектираните профити.
Се поставуваат реални и мерливи цели – без претерување и нереални очекувања – со цел да се влезе во новата година со јасна слика за тоа што треба да се постигне.
Деловни одлуки и стратешки насоки
Иако новогодишните одлуки честопати изгледаат како клише, тие имаат своја вредност. Фокусот е на конкретни промени – зајакнување на личните контакти со вработените од далечина, подлабока примена на вештачката интелигенција во деловните процеси, како и инвестирање во обука на вработените.
Посебен акцент се става на употребата на алатки за вештачка интелигенција во секојдневната работа, но и на прифаќање на проекти што ја напуштаат зоната на удобност, дури и по цена на краткорочна неизвесност. Токму ваквите предизвици, според овој пристап, овозможуваат долгорочен раст.
Лични цели
Покрај деловните цели, секоја година се поставуваат и лични цели – поврзани со здравјето, физичката активност, патувањето, семејството или личните интереси. Оваа рамнотежа помага во одржувањето на менталната стабилност и долгорочната мотивација.
Документација и одговорност
Клучна компонента на целиот процес е одговорноста. Сите цели и планови се внесуваат во календар, со квартални потсетници за проверка на напредокот. Овие прегледи овозможуваат брзи корекции, но и реална проценка на она што е постигнато на крајот од годината.
Со текот на времето, се создава лична архива на планови и цели, што дава вредна перспектива – многу поранешни проблеми денес изгледаат незначителни, додека континуитетот на растот е јасно видлив.
Овој годишен процес носи јасност, го намалува стресот и помага подобро да се подготвиме за иднината. Во исто време, поттикнува благодарност кон претходната година и фокусиран поглед напред. За сопствениците на мали бизниси, овој пристап може да биде едноставна, но исклучително ефикасна алатка за долгорочна стабилност и раст, пишува Entrepreneur.











