Поволнoсти за вработување во микро и мали претпријатија

9

6d4fd1b6-01d5-4dab-a2b5-62085fa56567Владата денес ќе објави конкурс за обезбедување поволни кредити наменети за микро и мали претпријатија, со цел отворање нови работни места преку Агенцијата за вработување.

“Владата на Република Македонија е стратешки насочена кон реализација на реформи, мерки, проекти и активности чија цел е зголемување на вработеноста на граѓаните во Република Македонија. Значаен дел од конкретизацијата на тие заложби се содржи во Оперативниот план за активни мерки за вработување преку кои се финансираат, кофинансираат, или пак се нудат за користење евтини и поволни финансиски инструменти за вработувања на невработените”, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев најавувајќи го конкурсот.

Огласот ќе трае десет работни дена, а ќе може да аплицираат сите заинтересирани микро (со до десет вработени) и мали (до 49 вработени) претпријатија кои сакаат да добијат од овие средства со цел да отворат нови работни места.

Заинтересираните претпријатија ќе треба да ги исполнат следниве услови: да постојат најмалку една година во периодот кој претходи на објавувањето на огласот (да се основани заклучно со 24.06.2012 година), да имаат најмалку двајца вработени во период од минимум три месеца и да го немаат намалено вкупниот број на вработени во претходниот период од шест месеци.

Со добивањето на средствата микро и малите претпријатија ќе може да вработат лица кои најмалку три месеца се во евиденцијата на Агенцијата за вработување, и при тоа доколку имаат конкретно лице од евиденцијата на Агенцијата кое сакаат да го вработат може да го наведат, а доколку немаат конкретно лице Агенцијата за вработување ќе им приложи за избор листа од лица од евиденцијата кои ги исполнуваат наведените предиспозиции и имаат соодветна квалификација и профилација за каква што се интересира претпријатието кое аплицира за средствата.

За секое ново отворено работно место микро или малото претпријатие ќе може да добие три илјади евра во денарска противвредност, а може да се добијат средства за најмногу три ново отворени работни места, што значи најмногу девет илјади евра. Периодот на поврат на средствата изнесува три години, со грејс период од една година и каматна стапка од само 1%.

Сите заинтересирани микро и мали претпријатија ќе може да конкурираат за средствата со едноставна пријава која треба да се поднесе до Агенцијата за вработување и со приложување на документ дека не се во стечај или ликвидација, а сите останати документи ќе ги обезбеди Агенцијата по службена должност. По завршувањето на рокот за поднесување на апликации, во период од 30 дена Агенцијата за вработување ќе направи селекција на поднесоците и со оние претпријатија кои ги исполнуваат условите ќе потпише договори. Потоа истите ќе ги достави до Македонската банка за поддршка на развојот и до комерцијалните банки кои се дел од процесот и по завршувањето на сите процесни дејства и претпоставки средствата ќе бидат исплатени на претпријатијата.

Микро или малите претпријатија кои ќе ги добијат овие средства имаат обврска во период од 36 месеци да не го намалат вкупниот број на вработени во претпријатието, односно да го задржат лицето во работен однос 36 месеци, или доколку заради одредени причини го отпуштат лицето тогаш на негово место да вработат друго лице и да не го намалат вкупниот број на вработени.

Ѓорѓиев појасни дека за реализацијата на оваа мерка која предвидува вработување во веќе постоечки правни субјекти, заедно со мерката за самовработување со кредитирање која се однесува на отворање бизнис и вработување на невработени лица, се одвоени околу пет милиони евра.