Повторно откажана аукција на државни хартии од вредност

31

Министерството за финансии соопшти дека ја откажа закажаната аукција на државни хартии од вредност, што е трета аукција на државни хартии од вредност која се откажува во последно време. Последната аукција беше откажана на 6-ти август, а претходно на 25-ти јуни.

Олеснителна околност за овие три аукции е тоа што согласно календарот не достасуваа за враќање аукции издадени во претходен период.

Како што наведуваат од министерството, целта на откажувањето е да се излезе во пресрет на бизнис заедницата и да се подигне ликвидноста на стопанството, секогаш кога ќе има простор за тоа. Целта, исто така, е да се излезе во пресрет на барањето на бизнис заедницата за зголемување на понудата на пазарот на капитал со оставање повеќе слободни средства кај банките кои натаму би се пласирале како кредити.

Во соопштението се додава дека буџетот има добра ликвидност и редовно се сервисираат буџетските обврски, односно исплатата на плати и пензии, обврски кон стопанството по основа на данокот за додадена вредност (ДДВ) и фактурирани работи.