Управниот директор на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева и претседателот на Светска банка Дејвид Малпас предупредија на зголемен ризик од глобална рецесија, при што инфлацијата останува постојан проблем по руската инвазија на Украина.
„Постои ризик и реална опасност од светска рецесија следната година“, рече Малпас во дијалогот со Георгиева на почетокот на Годишното собрание на овие две меѓународни финансиски институции, пренесува Ројтерс.
Шефицата на ММФ Кристалина Георгиева рече дека ММФ гледа „значаен проблем“ во Кина, втората по големина економија во светот, каде што нестабилноста на пазарот на домување го намалува економскиот раст.
Осврнувајќи се на порастот на потрошувачките цени во земјите низ светот, таа рече дека не можеме да дозволиме инфлацијата да се движи „како воз кој излегол од контрола“.
Георгиева оцени и дека Заедничката рамка на Групата 20 за реструктуирање на долговите на сиромашните земји полека профункционира, но дека е оптимист за случаите на Чад и Замбија, кои заедно со Етиопија први побараа помош.
Таа изрази надеж дека напорите за реструктуирање на долгот на Чад и Замбија може да бидат финализирани до крајот на годината, што, како што вели, ќе го отвори патот за другите земји да побараат таква помош.











