Не знам дали ви имаме кажано, секое утро, во канцеларија секој со секого треба да се поздрави. Ама не само да каже здраво или добар ден, туку и да се поздрави со рака. Тоа го воведовме како пример од еден практикант кој беше кај нас и кој почна да се поздравува со секој од нас кога ќе дојдеше на работа, така што тоа ни остана како традиција, и еве веќе неколку години МОРА да се применува во офисот.
Искрен да бидам, на почетокот бев малку збунет, но со текот на времето, идејата многу ми се допадна и настојувам да се одржи во живот од неколку причини:
- Интеракција – ако ништо друго, од утро се прави интеракција со луѓето околу вас. Утринските муабети се тука како и размена на случки кои се случиле во претходните неколку саати.
- Тим – некако и тимот се зацврстува со утринските комуникации и сите интеракции кои следуваат после тоа, се прави кохезија.
- Промени – луѓето кои не се таканаречени утрински луѓе, со ова сакале или не, мора да прозборат од сабајле и да направат некаква интеракција.
- Почеток – ако ништо друго, убав почеток на денот!
- Намалување на конфликти – сакале или не, колегите кои од која било причина биле во некаква конфликтна ситуација, следното утро, кога ќе се поздрават, едноставно мора да се погледнат во очи и да си кажат здраво… убав почеток за разрешување на некоја ситуација.
- Малите нешта, прават голема разлика – насмевката кај колегата кој ќе ви каже добро утро, сакале или не, се пренесува и кај вас, колку и да сте нерасположени. Научно е докажано дека насмевката е заразна.
- Култура – се работи за основни манири и култура на однесување.
- Хуманизација – најголем дел од денот, поминувате со колегите. Па наместо да ги гледате колегите како машини кои работат со вас, утринските поздравувања може да ви помогнат подобро да се запознаете.
- Хиерархија – ако сите, ама баш сите (од топ менаџмент па до најдолно ниво) се поздравуваат меѓу себе, создава една демократска (немав друг збор) работна атмосфера, каде што сите сме исти.
- Време – не одзема многу време, односно само неколку секунди. Е сега, ако започне некаква интеракција, може да одземе време, но има друг бенефит, создава позитивна атмосфера.
- Економски причини – бесплатно е!! J (дека сум Влав)
- Промени – интровертните, со едно утринско поздравување со рака и изговарање на едно здраво/добро утро, имаат можност да искочат од својата матрица и да почнат со промените, да бидат забележани!
- Бариери – замислете дека ви е непријатно со некого да почнете разговор, едно здраво/добро утро на сабајле, може да ви помогне да ги срушите тие бариери и подоцна дури и на ручек заедно да одите.
Поздравувањето на работа на почетокот може да изгледа чудно и малку непријатно, но всушност, на крајот од денот, ќе биде многу ценето од сите. Верувајте ми!
Со успех во промените
Фото:Pexels