Во пожар кој во текот на ноќта избувнал во текстилна фабрика во предградие на Дака, Бангладеш, загинале најмалку девет лица, од кои тројца се менаџери. Како што јавуваат локалните медиуми, повредени се преку 50 лица.
Директорот на фабриката Емдад Хосаин изјавил дека кога започнал пожарот во фабриката имало 170 работници и повеќето успеале да избегаат. Според официјалните податоци, фабриката припаѓала на Palmal Group of Industries, јавува BBC.
Со овој настан уште еднаш се активира прашањето за безбедноста на работниците во фабриките за текстил во Бангладеш. Пожарите се честа појава, а во април при уривање на зграда на фабрика во Дака загинаа преку 1.100 луѓе.
Бангладеш е втор по големина извозник на конфекција во светот. Скоро 80% од извозот на Бангладеш отпаѓа на индустријата за производство на облека. Минатата година е извезена облека во вредност од 20 милијарди долари. Во фабриките една смена обично трае од 10 до 12 часа, а просечната плата во оваа индустрија е околу 38 долари месечно, иако повеќето добиваат само по 19 – 26 долари. Синдикатите неодамна побараа минимална месечна плата од 100 долари, што сопствениците на фабриките го одбија, оправдувајќи се со неповолната светска економска состојба.