Позната француска банка ја напушта Русија: Продава 99% од акциите на локална компанија

100

Француската банка Сосиете Женерал денеска објави дека се согласила да го продаде својот удел во Росбанк и нејзините подружници во осигурителниот сектор на руската финансиска компанија Интеррос Капитал.

Трансакцијата, која предвидува трансфер на 99 отсто од акциите на француската банка во Росбанк на Интеррос Капитал (руска компанија поврзана со олигархот Владимир Потанин), бара одобрение од регулаторот, се вели во соопштението на Сосиете Женерал, пренесува Ројтерс.

„Со овој договор, групата би ја напуштила Русија на ефикасен и уреден начин, обезбедувајќи континуитет на своите вработени и клиенти“, додаде француската банка.

Договорот, кој чека одобрување од регулаторот, ќе резултира со отпис на околу 2 милијарди евра и безготовински ставки, што нема да има влијание врз стапката на капиталот на Сосиете Женерал, се вели во соопштението.