Познатиот американски ланец за брза храна затвори повеќе од 500 ресторани

76

Познатиот американски ланец ресторани за брза храна „Subway“ затвори повеќе од 500 свои продавници низ САД во текот на 2022 година!

Мултинационалниот ланец остана без 571 ресторан во 2022 година, откако во претходните години веќе затвори огромен број локации во Соединетите Американски Држави, нивниот најголем пазар, според најновиот документ наменет за компании и поединци заинтересирани да купат франшиза.

Subway затвори илјадници локации во САД во последниве години поради пренатрупаност, застарени операции, лош декор, како и застарени менија и штетни договори кои го намалија профитот на франшизите, се вели во документот што го прегледа Ројтерс.

Синџирот затвори 1.000 продавници во 2021 година, од повеќе од 1.600 една година порано. На крајот на 2022 година, имаше 20.576 продавници во САД. Тоа е голем пад во споредба со 2016 година, кога имаше 26.772. „Subway“ има вкупно околу 37.000 локации низ светот.

Компанијата се обиде да го стабилизира бизнисот со воведување на освежено мени и со помош на рекламни кампањи со познати личности, но може да поминат неколку години пред кампањата да се исплати.

Континуираното затворање на продавници, според експертите, може да и наштети на јавната перцепција.

– Тоа е багаж од кој тешко ќе се оддалечат – изјави советникот на франшизата Роберт Едвардс.

Компанијата исто така се огласи.

– Изминатите две години ги поминавме оптимизирајќи ги нашите операции за да се осигураме дека рестораните се на вистинската локација. Ова вклучува отворање нови локации и преместување ресторани за да се зголеми сообраќајот на гостите, но и затворање локации кога е потребно. Забавувањето на затворањето е резултат на напредокот што го постигнавме и сега следи паметен раст што ќе ја зголеми профитабилноста на франшизата и ќе ја заштити нашата позиција на пазарот. Нашата цел е да го зголемиме бројот на нови продавници  низ Северна Америка за приближно 35 проценти во 2023 година во споредба со 2022 година, соопшти компанијата.