
Фирмата „Ла тераца“ за месечна кирија од 3.500 евра го доби под концесија комплексот Македонско село во Горно Нерези.
Според информациите од СОЗР закупецот е избран по пат ја електронска јавна аукција. Како што вели директорот на СОЗР, Ивица Томовски, доколку закупецот се откаже од работата пред истекот на рокот од 15 години, се активира банкарската гаранција, а таа изнесува 5% од договорот за закуп.
Комплексот „Македонско село“ во јуни повторно ќе ги отвори вратите за посетители. Директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски, ја соопшти донесената одлука.
– „На последниот оглас имаше пријавено две компании од кои едната компанија имаше комплетно за целиот објект, другата компанија само за еден дел. Цената која е постигната е околу 210 илјади денари месечна закупнина. Објектот би требало да започне со функционирање некаде почетокот на јуни месец, а закупецот, односно концесионерот ќе треба да отпочне со плаќање на закупнина од септември. Даваме некој одреден грејс период на луѓето за да можат да го реновираат, реставрираат, бидејќи по огласот сè она што ќе го инвестираат останува во сопственост на државата. Концесионерот е фирмата Ла Тераца, се занимава со туризам и угостителство и концесијата ќе биде потпишана на 15 години“ , изјави Ивица Томовски за Сител.
Комплексот „Македонско село” не функционира речиси седум години, откако претходните концесионери се повлекоа поради финансиски загуби, а во меѓувреме, СОЗР редовно ги исплатуваше трошоците за осигурување и обезбедување и практично имаше финансиски загуби од над 300.000 евра.
Со реотворањето на комплексот, ќе бидат создадени услови за поттикнување на развојот на туризмот со што ќе се создадат услови и за зајакнување на локалната економија, отворање на нови работни места, а ќе биде унапреден и туристичкиот капацитет во Скопје што ќе влијае на зголемен број туристи не само во Скопје, воопшто и во земјава.