Правила на игра

56

pravilno-pogresno

Фото: Pixabay

Работата вреди толку

колку што вреди

човекот кој ја извршува

Кербер де Меделсхајм

Веројатно, уште на првиот работен ден, кога ги добивте работните задолженија, го добивте и ЕТИЧКИОТ КОДЕКС на компанијата. Тоа се група на верувања за тоа што е добро, а што лошо однесување на работа. Почитувајќи го овој кодекс, компанијата претпоставува дека вработените ќе преземаат соодветни постапки кои ќе ја донесат во раст и развој.

Првиот контакт со кодексот делува фрустрирачки и вработениот има впечаток како да е ставен во “рамка” од која не смее да излезе. Сепак, доколку не постои и на работникот му е допуштено секаков вид однесување, угледот на компанијата може да биде демократски, но често и хаотичен. Чувството на припадност во една заедница е водено најмногу од прилагодување кон групните правила.

Секоја индивидуа на своето работно место го пројавува својот професионален и деловен кодекс. Тоа се две различни категории кои придонесуваат за успешно прилагодување кон стандардите на професијата, но и кон изразување на моралната димензија на активностите во компанијата.

Иако постои пишан коденс, сепак главни преносители на моралните вредности се вработените поставени во повисоките хиерархиски редови. Секое нивно однесување, дејствување, идеја, изјава, па дури и начин на облекување влијае врз останатите вработени како личен пример за одобрено. Претпоставените кои ги применуваат договорените “правила на игра” се посоодветни од оние кои само ги пропишуваат и потоа ги очекуваат од вработените.

Но, сепак, кои се општите, прифатливите и пристојните дејства кон кои треба да се стремиме и како да го создадеме тој морален компас?

Секоја компанија има свој вредносен систем според кој ги формира културните особености, но постојат и генерализирани принципи кои добро е да се прочитаат во секој етички кодекс. Потребно е да содржи насоки за однесување во рамки на компанијата и надвор од неа, на индивидуално и на групно ниво. Не е важно колку страни ќе биде кодексот, може да е и една страна, па да е едноставен и ефективен, но може да е цела книга која ретко кој би ја прочитал. Успешен кодекс е тој кој ќе успее да ги пренесе најбитните ставки и да го истакне имиџот на компанијата како нејзина најголема вредност.

Како што кажав и погоре, основни носители на моралните вредности се помоќните луѓе во организацијата од кои се очекува да бидат:

чесни; да го штитат интегритетот на компанијата; да се доверливи; да се лојални; да се праведни; да се грижат за другите; да ги почитуваат другите; да ги почитуваат законите; да се заложуваат за квалитет, репутација и морал; да се одговорни.

Успехот на компанијата и задоволството и сигурноста кај вработените зависи токму од почитување на овие принципи од страна на менаџментот.

За крај, сакам да потсетам дека секое почитување или непочитување на групните правила на однесување во рамки на деловниот етички кодекс, е одраз на нашето семејно воспитување. Во случаи кога воспитувањето отстапува од нормите, потребна е дополнителна едукација, вежбање и прибирање на информации за тоа колку е значајно целосно да припаѓаме во заедницата, како за успех на работата, така и за наш личен успех и квалитетен живот.