Празничен бонус за вработените, новогодишни пакетчиња за децата и пакети за социјално ранливите групи во заедницата од Рудник САСА

10

Покрај поддршката што ја дава во текот на целата година, во пресрет на новогодишните и божиќните празници рудникот САСА обезбеди пригодни подароци за различни групи граѓани од локалната заедница, со цел сите да можат да ја почувствуваат празничната атмосфера.

Сите деца од предучилишна и училишна возраст во општината Македонска Каменица добија новогодишни пакетчиња, а за 150 социјално ранливи лица и семејства од заедницата САСА обезбеди пакети со прехранбени и хигиенски производи.

Исто така, за вложениот труд и посветена работа во текот на 2022 година, сите вработени во САСА, покрај редовната плата, се наградени со новогодишен додаток на плата и пригодни подароци.

Традиционално пак, на новогодишната ноќ, претставници од менаџерскиот тим на САСА ќе ги посетат вработените во рудникот, како и дежурните тимови на брзата помош, противпожарната единица и полицијата во Македонска Каменица кои ќе ја дочекаат новата година на своите работни места, при што ќе им дадат подароци.

„Ова е посебен период од годината кога сите посакуваме да добиеме подарок и порака со желби за среќа, добро здравје и успех во новата година. Затоа ние како компанија сме среќни и благодарни што имаме можност да помогнеме сите кои се дел од оваа заедница, особено децата и ранливите семејства, да ја почувствуваат радоста и магијата на новогодишните празници. Се разбира, сакавме да ги наградиме и нашите вработени кои покажаа голема посветеност во работењето и вложија голема енергија во реализација на нашите капитални инвестициски проекти кои треба да обезбедат одржлив развој на САСА во годините што следуваат. Со задоволство и оваа година ќе ги посетиме и ќе им се заблагодариме на вработените во службите кои и на новогодишната ноќ продолжуваат да се грижат за безбедноста, здравјето и сигурноста на локалната заедница, како и на вработените задолжени за одржување на работниот процес во САСА“, изјави генералниот директор на САСА, Крис Колбурн.