Без објавување јавен оглас склучени се договори за јавни набавки во вредност од 11 милиони евра, покажува најновиот извештај од спроведениот мониторинг на Центарот за граѓански комуникации за периодот јануари – јуни 2020 година. Ова, е за 15% повеќе во споредба со истиот период во 2019 година.
Според резултатите од мониторингот, на секој трет тендер е доставена една или ниту една понуда, а најниската цена е користена во 96% од случаите како критериум за избор на најповолна понуда со што е задржан неповолниот тренд од претходната година.
“Оправдан е сомнежот дека со толку големата примена на критериумот ‘најниска цена’ се доведуваат во прашање начелата на економичност и ефикасност на јавните средства“, велат од Центарот за граѓански комуникации.
Електронската аукција е користена во 92% од тендрите со што, според Центарот за граѓански комуникации, се овозможува и натаму да бидат широко распространети манипулациите што таа ги генерира во јавните набавки.
Симптоматично е и тоа што некои понудувачи доставувале понуди блиску до проценетата вредност, иако проценетата вредност на тендерите не се објавува јавно.
Забележано е и непочитување на Законот за јавни набавки кај локалните тендери, особено во делот на образложението на потребата од набавката и на причините за неделивост.
Констатација од спроведениот мониторинг е и тоа дека институциите не се консултираат со бизнис секторот во насока на подобрување на тендерските документации, односно во мониторираниот период спроведен е технички дијалог само за 1,4% од тендерите.
Мониторингот на јавните набавки се спроведува во рамки на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е да се зголеми ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.
Фото: Pixabay