Преговорите меѓу Кина и ЕУ за царини на електрични возила завршија без резултати

101

Преговорите во Брисел за царините воведени од Европската унија за електрични возила увезени од Кина завршија со „големо несогласување“, соопшти кинеското Министерство за трговија.

Преговарачите „не постигнаа решение прифатливо за двете страни“, иако „постигнаа значителен напредок во одредени области“, се вели во соопштението. Официјален Пекинг ги покани преговарачите на ЕУ на следната рунда преговори што ќе се одржи во Кина.

Земјите-членки на ЕУ во петокот гласаа за воведување царини за електричните автомобили увезени од Кина, и покрај противењето на Германците кои стравуваат од трговска војна со Пекинг. Европската комисија на тој начин воведе данок од 10 отсто, кој е веќе во сила, плус доплата до 35 отсто за возилата со батерии од кинеско производство.

Овие тарифи треба да стапат на сила на крајот на октомври. Пекинг, кој го осуди како „неправедна и неразумна протекционистичка практика“, веќе одговори со воведување контра-тарифи за свинско месо, млечни производи и алкохолни пијалоци на база на вино увезени од ЕУ, вклучително и коњак.

Претставниците на Пекинг и 27 земји од ЕУ одржаа осум рунди преговори во Брисел од 20 септември.