Прекинат транзитот на руски гас кон Унгарија преку Украина

50

Транзитот на гас преку Украина кон Унгарија беше целосно прекинат во неделата, објави операторот на унгарскиот транзитен гасен систем.

Транзитот преку Украина во петокот, кога Газпром започна со испорака до унгарските потрошувачи преку Турски тек, не беше целосно прекинат, според украинската страна, туку беше намален речиси четири пати, а во саботата – на половина, според податоците на Операторот на гасниот транзитен систем на Украина, пренесува Спутник.

Украинскиот оператор во петокот објави дека Газпром го суспендира транзитот на гас кон Унгарија преку украинска територија, почнувајќи со испорака до унгарските потрошувачи преку Турски тек преку Бугарија и Србија во рамките на новите договори постигнати на крајот на септември.

Во исто време, капацитетите за влез во Унгарија, кои беа договорени со Газпром за целата гасна година (од 1 октомври 2021 година до 30 септември 2022 година), изнесуваат 24,6 милиони кубни метри дневно.

Меѓутоа, според информациите на веб-страницата на операторот, пумпањето гас преку контролниот пункт Берегово на украинско-унгарската граница не запрел тој ден и изнесувал 4,823 милиони кубни метри метри.

Во саботата, транзитот беше дополнително намален (двапати во споредба со петокот) на 2,31 милиони кубни метри.

Според податоците на унгарскиот оператор ФГСЗ, во неделата немало транзит на гас преку Украина кон Унгарија на контролниот пункт Берегово.

Податоците од Операторот на гасниот транзитен систем на Украина за неделата се уште не се достапни.