Прекинувањето на снабдувањето со руски гас би ги чинело околу 56.000 работни места

79

Прекинот на испораките на руски гас во австриската покраина Горна Австрија ќе укине меѓу 31.000 и 56.000 работни места и ќе го намали БДП за 3,4 до 6,6 отсто.

До тој заклучок дошол економистот Фридрих Шнајдер, кој ја направил анализата по налог на покраината.

„Ова беше најтешката студија во последните четири децении“, рече Шнајдер.

Тој објасни дека направил една оптимистичка и една песимистичка проценка за следните 12 месеци.

Шнајдер рече дека е тешко да се процени кое сценарио е поизвесно.

Според него, не е важно дали се работи за ембарго за увоз на руски гас или за прекин на испораките од Русија.

Песимистичката опција се базира на тоа што најмногу една десетина од неиспорачаните количини се заменуваат од резервите, а гасот не може да се набавува од други извори, како и тоа што домаќинствата не штедат.

Според таа проценка, горноавстриската индустрија, стопанството и домаќинствата би имале 58 отсто помалку гас на располагање, а последиците за Горна Австрија би биле намалување на БДП за 6,5 отсто и губење на 56.000 работни места.

Во пооптимистичката варијанта, според која околу 30 отсто од гасот што недостасува би се покрил од резерви или со купување, со заштеда на домаќинствата, би недостасувале „само“ 23 отсто од потребните количини гас.

Тоа ќе донесе намалување на БДП за 3,41 отсто на Горна Австрија и губење на 31.620 работни места.

Шнајдер се изјасни против ембаргото на рускиот гас, велејќи дека тоа нема да има мал ефект врз воената каса на Русија и само ќе доведе до зголемување на цените.