Преку аеродромите во Скопје и Охрид превезени 2,5 милиони патници за 11 месеци

47

Двата македонски аеродрома, Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, превезоа 2.480.767 патници во периодот од јануари до ноември оваа година, што претставува годишен пораст од 14%, додека само охридскиот аеродром бележи пораст од 240% на патничкиот сообраќај во ноември, што е резултат постигнат надвор од летната сезона, информираат од ТАВ Македонија.

Во истиот овој временски период од 11 месеци, вкупниот број на воздухопловни операции е зголемен за 10%, достигнувајќи вкупно 20.215 летови на двата аеродрома, скопскиот и охридскиот.

“Заедно со двоцифрениот пораст на бројот на патници остварен во 11-те месеци од 2019 година, ноември е уште еден рекорден месец за аеродромите во Скопје и Охрид, особено за охридскиот аеродром, кој дури и надвор од сезоната оствари значителен пораст од 239,5% на патничкиот сообраќај споредено со месец ноември во 2018 година. Овие силни резултати се постигнати поради новите редовни авиолинии што беа отворени во 2019 година. За разлика од другите години, кога со почетокот на зимскиот распоред на летање обично темпото на воздушниот сообраќај забавува, оваа година доживеавме поинаков тренд – во ноември забележавме пораст од 23% на бројот на патници на двата аеродрома (188.474 патници), во споредба со ноември во 2018 година кога имавме 153.271 патници. Ова е значаен индикатор што ја покажува позитивната промена на навиките на патниците, нешто што го постигнавме низ годините, благодарение на зголемениот број дестинации што се нудат од Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Разгледувани одделно, Меѓународниот Аеродром Скопје има 2,2 милиона патници од јануари до ноември 2019 година (2.183.897) со годишен раст од 9,3%, и 17.746 летови, со годишен пораст од 5,3%. Бројот на патници на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид за 11 месеци од 2019 година се зголеми за 70%, односно 296.870 патници, кои беа превезени со 2.469 летови (66,7% годишен раст).

Во 2019 година ТАВ додаде четири нови дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје и осум нови дестинации од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. Во моментов скопскиот аеродром опслужува 44 дестинации, на кои сообраќаат 13 авиокомпании. Охридскиот аеродром опслужува 22 дестинации, од кои седум се редовни авиолинии, на кои, исто така, сообраќаат 13 авиокомпании.