Со иновација и уникатна стратегија, Солвео на компаниите во Македонија им овозможува полесно да се поврзат со младите умови и да добијат нови и свежи перспективи за решавање на бизнис предизвиците.
Патот на оваа агенција за иновации е различен од оној на многубројните млади компании во земјава. Приказната на Солвео започнува во 2016 година, кога неговите основачи и млади претприемачи, Иван Зографски и Драгана Нешовска, се враќаат во Македонија по завршувањето на студиите во Лондон.
Тие се враќаат со нешто многу вредно – не со капитал, туку со новa идеја која на бизнис заедницата ќе и овозможи полесно да дојде до голем број на решенија за разните проблеми и предизвици. Преку употреба на нови методологии и процеси, инспирирани од големите консултантски агенции од Велика Британија, Солвео во Македонија носи еден несекојдневен начин на работа, а со тоа и позитивна промена на пазарот.
Концептот на Солвео е процес што се уште не е завршен – тој расте и се развива во зависност од пазарот и пошироката бизнис околина. Основата на концептот, пак, е неменлива, а тоа е вербата во младите и нивните способности, како начин за доаѓање до иновативни решенија за предизвиците со кои што се сочуваат компаниите. Овој пристап веќе подолго време успешно се применува и од светски гиганти како што се Lego, Coca Cola, Amazon и IBM.
“Работиме и создаваме заедно со младите умови бидејќи тие се корисниците на било кои идни продукти или услуги, а најефикасните иновации секогаш се носат со целосно разбирање на идниот потрошувач. Цврсто веруваме во тоа дека 50 млади умови можат да бидат десетпати поиновативни и креативни од еден професионалец“, вели Драгана Нешовска, ко-основач на компанијата.
“Нашата работа не вклучува една специфична услуга, туку целосно опфаќање и разбирање на потребата на клиентот, и понуда на низа услуги кои се неопходни за нивниот продукт. Често, на различни клиенти им се потребни различни услуги. Започнуваме со тоа што согледуваме што е она што е потребно за продуктот и неговите можности и ограничувања, и потоа нудиме сет на стратегии“, додава таа.
Работата на Солвео се води од три главни приниципи, од кои првиот е методологијата на дизајн размислување (Design Thinking). Овој метод веќе долго време се користи во западните земји, и подразбира емпатија со потрошувачите, односно процес во којшто доаѓа до редефинирање на проблемите и изработка на алтернативни стратегии и решенија, ориентирани кон потребите на корисниците.
Вториот принцип се однесува на ко-креацијата, односно вклучување на младите во процесот на носењето на одлуки и добивањето на свежи идеи. Трето, тука е концептот на crowdsourcing, со кој се прават натпревари и предизвици каде младите работат на креирање решенија за реалните проблеми на компаниите.
Комбинацијата на овие три принципи е добивање на бројни и ефикасни решенија за разните проблемите и предизвици. Истовремено, Солвео е единствен во Македонија кој работи со овој револуционерен пристап, и цели на компаниите да им донесе максимизирање на профитот, долгорочен раст, како и проширувањето на пазарот.
Компанијата досега помина низ повеќе трансформации. Опстанувањето во бизнис околината значи и способност за пивотирање и адаптирање на условите што ги диктира пазарот, потенцира Иван Зографски, ко-основач на Солвео.
“Од создавањето па се досега, концептот на Солвео и идеите често се менуваа. Бевме истрајни, бидејќи знаевме дека сме први во тоа што го работиме. Нашата цел е на клиентите да им понудиме нов пристап, нов начин на размислување и нова алтернатива“, објаснува Зографски.
Од делење на работниот простор во бизнис инкубатори и coworking простории во своите почетоци, денес Солвео и неговите десетина вработени имаат нови канцеларии во центарот на Скопје. Компанијата работи со големи домашни компании, како и со клиенти од Шведска, Швајцарија и САД, активни во индустрии како што се авијацијата, ИТ, малопродажниот и финансискиот сектор.
“Посветени сме на секој проект како да е наш сопствен, целосно концентрирајќи ги нашите напори да дојдеме до решение. Никогаш не ги користиме истиот метод или стратегија двапати. Работиме со нови продукти и секој од нив е уникатен, дури иако тие можеби припаѓаат во иста индустрија. Секој продукт бара уникатна стратегија, а со тоа и тим кој е подготвен да тестира и секојдневно да се менува“, потенцира Зографски.
Работата и визијата на Солвео исто така придонесуваат и во развојот и иднината на стартап индустријата во Македонија. Компанијата е организатор на Старт ап Викенд Скопје, настан кој овоможува вмрежување и размена на идеи помеѓу сите оние кои тежнеат да станат претприемачи.
“Веруваме во тоа на луѓето мора да им се дадат овие можности и шанси. Подготвени сме во нашата околина да направиме нешто со кое ќе им помогнеме на тие околу нас, сакаме да инспирираме позитивни промени. Доколку на луѓето им дадете инспирација, инфраструктура и добар процес, тие заедно можат да сработат нешто многу креативно и корисно“ потенцираат Зографски и Нешовска.