Премиерот на Словенија даде оставка поради дополнителното здравствено осигурување

131

Премиерот на Словенија, Марјан Шарец денеска поднесе оставка. На неговата оставка му претходеше неотповиклива оставка на министерот за финансии Андреј Бертонцељ, кој се повлече поради несогласувања во владата околу трошоците за дополнителното здравствено осигурување.

Министерот Бертонцељ го отфрли предлогот на министерот за здравство, Алеш Шабедер, трошоците за дополнителното здравствено осигурување да бидат целосно покриени од државниот буџет, како што побара Шабедер.

Бертонцељ се согласи да се покрие максимален износ до десет милиони евра годишно на целиот буџет, иако сумата беше проектирана неколку пати повисока. Откако премиерот Шарец застана на страната на Шабедер, Бертонцељ неочекувано поднесе оставка. По тоа следеше и “соборување“ на владата.

Спорот околу укинување на дополнителното здравствено осигурување беше само еден мал пример за нефункционирањето на малцинската Влада. Затоа разрешениот премиер побара предвремени избори со главен акцент за реализација на дополнителното здравствено осигурување, со што ќе го реализира ветувањето за граѓаните на Словенија.