Грција се откажува од приватизацијата на своето северно пристаниште Александрополис и ќе го задржи во државна сопственост како средство кое е премногу вредно за отуѓување, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Во интервју за телевизијата АНТ1, Мицотакис потврди дека „геополитичките случувања“ ја поттикнале владата да ја преиспита одлуката за продажба на мнозинскиот удел во пристаништето на приватни инвеститори, пренесува Ројтерс.
– Владата оцени дека во сегашните околности Александрополис има многу големо стратешко, геополитичко и енергетско значење за нашата земја и дека треба да остане под грчка јавна јурисдикција – рече Мицотакис.
Александрополис, лоциран на северот од земјата во близина на границите со Бугарија и Турција, има потенцијал да стане енергетски центар за централна Европа.Се планира изградба на пловечка единица за складирање и регасификација на гас, што е од клучно значење за Европа соочена со енергетски криза,поради намалувањето на испораките на руски гас поради инвазијата на Украина и западните санкции против Русија.
Во септември, Грција доби две обврзувачки понуди за 67 отсто од акциите во пристаништето, откако четворица инвеститори беа во потесниот избор за продажба минатата година.
Извор од грчката државна агенција за приватизација (HRADF) во понеделникот за Ројтерс изјави дека тендерскиот процес најверојатно ќе биде откажан поради зголеменото значење на пристаништето поради неговата „сè поважна улога, по руската инвазија на Украина“.
Од почетокот на руско-украинскиот конфликт, пристаништето Александрополис исто така се користи како алтернативна рута за испраќање на воена опрема на НАТО на неговото источно крило преку Романија и Бугарија.
Управниот одбор на Агенцијата за приватизација во четврток ќе се состане за да разговара за состојбата и следните чекори за развој на пристаништето, додаде соговорникот од Агенцијата за приватизација.











