Претпазливост од таканаречениот ризик од “зомбификација“

22

Институциите на ЕУ дадоа висока оцена за остварувањето на Народната банка на заедничките заклучоци од минатогодишната Програма за економски реформи.

Истовремено, монетарното олабавување остварено од Народната банка во текот на корона-кризата е оценето како соодветно. Во заедничките заклучоци од годинешниот економско-финансискиот дијалог помеѓу ЕУ и земјите кандидатки за членство е истакнато  дека во сиот досегашен тек на корона-кризата, финансиската стабилност е зачувана, а истовремено и дека одлуките и мерките на Народната банка придонесоа за ублажување на ефектите на кризата врз граѓаните и компаниите. Напоменато е дека банкарскиот сектор соодветно им одговори на досегашните предизвици од корона-кризата, одржувајќи здрави показатели, за што придонесоа и политиките на Народната банка. Истовремено, истакнато е дека од исклучително значење е и напредокот остварен со започнувањето со работа на Комитетот за финансиска стабилност, координиран од Народната банка, со учество на сите финансиски регулатори.

Во своите согледувања, институциите на ЕУ нагласуваат и дека е клучна независноста на Народната банка, бидејќи таа е важна за зачувување на ценовната и финансиската стабилност.

На денешниот министерски дијалог за програмите за економски реформи на земјите кандидатки за членство во ЕУ учествуваше и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Притоа, таа им се заблагодари на институциите на ЕУ за високите оцени за остварувањето на активностите од Програмата коишто се во надлежност на Народната банка.

Во своето излагање, меѓу другото, гувернерката напомена дека ова е прва криза во којашто првичната реакција на Народната банка беше олабавување, а не затегнување на монетарната политика. Притоа, нагласи дека овој пат солидните економски фундаменти и силната позиција на девизните резерви овозможија олабавување на монетарната политика и усвојување на регулаторната флексибилност, којашто придонесе за поддршка на граѓаните и компаниите коишто имаат потреба од кредитна поддршка. Дополнителен простор се создаде и со одлуката на Европската централна банка (ЕЦБ) за овозможување пристап на Народната банка, за првпат, до девизна ликвидност во евра обезбедена од ЕЦБ, на иницијатива на Народната банка.

Таа се осврна и на актуелните предизвици за носителите на политиките, имајќи ја предвид неизвесноста во однос на здравствената криза.

“Од гледна точка на централната банка, нашата предност е што сè уште имаме простор за водењето на политиките. Основната каматна стапка е сè уште на позитивната страна, а нивото на девизни резерви и натаму е комфорно и банкарскиот систем е стабилен. Се разбира, независно од ваквата позиција и натаму мора да бидеме претпазливи не само заради конвенционалните можни несакани ефекти од премногу долго монетарно олабавување, туку и од можната неповолна повратна врска помеѓу реалниот и финансискиот сектор, како и од т.н. ризик од ‘зомбификација’. Затоа, за заштита од тие ризици е неопходно да се продолжи со мерките за натамошно јакнење на мрежата за финансиска безбедност и тоа е всушност еден од нашите приоритети“,  истакна Ангеловска-Бежоска.

Во своето излагање, гувернерката напомена дека не смее да се остават на страна претпандемиските напори за зголемување на потенцијалот за побрз, одржлив и инклузивен економски раст.

“За ова е потребно постепено поместување на фокусот назад кон преткризните структурни тесни грла, како и на новите структурни предизвици што ќе останат како наследство од пандемијата. Јасно е дека централните банки не може да играат главна улога во овие сегменти, но можеме да обезбедиме поддршка во процесите. Во овој контекст, и покрај горливите проблеми, важно е што ние како централна банка успеавме да го зачуваме фокусот на повеќе структурни прашања како што се дигитализацијата – со работа на првата национална Стратегија за поддршка на финтек-секторот и посветеноста на зелените финансии, при што станавме членка на Меѓународната мрежа за зазеленување на финансискиот систем и го спроведовме првото истражување за тековниот статус на зелените финансии“, напомена Ангеловска-Бежоска.

Министерскиот дијалог се одржува секоја година. Неговата цел е да се донесат заеднички заклучоци за реформските активности коишто ќе станат дел од новата Програма за економски реформи, којашто, пак, е дел од пристапниот дијалог на земјава во ЕУ. Заклучоците за следниот период коишто се во ингеренција на Народната банка посочуваат на одржување силна регулаторна рамка за финансискиот сектор, којашто ќе биде во согласност со најдобрите светски практики и практиките на ЕУ, за да може понатаму да се осигура стабилно управување со кредитниот ризик и да се заштити независноста на Народната банка заради зачувување на финансиската и ценовната стабилност.

Фото: Pexels