Фото: Pexels
(овој неделен совет е посветен на целата екипа од SWTAlumni Macedonia)
Честопати ме прашуваат каква е претприемничката атмосфера во Македонија и како да ги мотивираме младите да размислуваат претприемнички и да работат на развој на свои идеи за бизнис.
ШТО ДА ИМ КАЖАМ?! Дека е катастрофа?! Дека од секој аспект, финансии, менталитет, образование, систем, историја, култура, професионалност, законски регулативи, субвенции, општа свесност, сè е на многу ниско ниво?! Ако им ја кажам вистината, сите ќе се уплашат и ништо од приватниот сектор, кој и онака е пред колапс. Ако им кажам дека е розево, нема да се подготвени и ќе имаат огромни очекувања, и така ќе се разочараат и ќе се фрустрираат уште повеќе.
Во секој случај, треба да ја знаат вистината. Ситуацијата е тешка и нема да биде подобра во брзо време. Но, ако сакаме силна држава, економски стабилна, мора да ги стимулираме младите (и сите оние што имаат претприемнички дух) да ги следат своите срца и да работат на реализација на нивните соништа. Не може, според анкета направена на универзитетите во Македонија, најголем дел од младите да ги интересира само како изгледаат (физички изглед) и како да се вработат во јавна институција. Ако нема силен и стабилен приватен секотор, не може да има силен јавен сектор. Кај нас е обратно. Кон што води тоа, вие самите оценете!?
Како најголем мотиватор, во оваа ситуација, мора да е државата / системот. Мора да се направи сериозна стратегија како да се подобри атмосферата и да се најдат начини за мотивација на младите, уште од нивната најмала возраст, преку образовниот систем. Но, ние да не чекаме до тогаш, туку да направиме од наша страна колку можеме за да ја подобриме ситуацијата. Еве неколку совети што може да ги направиме индивидуално, без да чекаме некој друг да ни ја реши ситуацијата:
- Непослушност: АПЕЛ до сите оние што имаат идеја, сакаат да ја реализираат, мислат дека умеат и немаат потреба од некои сериозни финансии, веднаш да се нафатат на реализација. Не слушајте никого што сака да ве оттргне од таа идеја. Не ги слушајте родителите, пријателите и соседите. Ако успеете супер, ако не, пак супер. Ќе бидете во оние, помалку од 1% коишто имале храброст и се нафатиле на нешто различно. И да не ви успее бизнисот, секогаш ќе бидете пред другите, а во CV слободно да се гордеете со вашиот неуспешен обид за бизнис.
- Родители: нашиот „најголем непријател“ (звучи чудно, но вистинито) се нашите родители. Не дека се лоши, напротив. Тие мислејќи најдобро за своите деца, секогаш ја одбираат најсигурната варијанта за нив. Тие не сакаат нивните деца да се мачат, и затоа секогаш ќе бидат субјективни и демотивирачки настроени. Но, тие не знаат какво е тоа чувство внатре во нас и никогаш нема да го сфатат. Затоа, НЕ ГИ СЛУШАЈТЕ ВАШИТЕ РОДИТЕЛИ! Она што може вие да го направите за вашите деца е да ги оставите да ризикуваат и да им бидете најголема поддршка. Почнете да го развивате нивниот претприемнички дух, уште од најмала возраст – учете ги да штедат, да работат со буџет, да работат додека студираат (што било) и најважно, не им викајте дека е најдобро да работат во јавен сектор, бидејќи бил најсигурен (тоа е за краток рок).
- Пријатели, соседи и други: вие, пак, ништо не добивате ниту губите, ако сте поголема поддршка и поткрепа на вашите најблиски, идни успешни претприемачи. Не се правете паметни, не критикувајте и не кажувајте како треба или не треба да се работи и прави. Помогнете колку што можете со конструктивни совети, мрежа на контакти, љубов и разбирање.
- Знаење: Образовниот систем во Македонија, нека е здрав и жив. Ако чекаме од формалното образование да нè стимулира и да нè научи како се станува претприемач, тешко нас. Затоа, постојано едуцирајте се, надградувајте го вашето знаење и развивајте ги вашите вештини. Во денешно време е лесно да се стигне до вистинските знаења и информации (книги, разни претплати, youtube, Facebook, обуки, семинари, ментори, пријатели итн.). Само треба да сакаме!
- Ризик: Тешко било. Голем е ризикот. Точно. Но, претприемач не може да е секој. Тој се одликува со храброст и не се плаши стравовите да го одвлечат од реализација на своите соништа. Особено, што во вакви услови е и поголем предизвик да се биде претприемач. Како што пее Синатра во песната Њујорк „if you can make it here, you can make it everywhere“, тоа го мислам и јас за состојбата кај нас.
- Финансирање: Ако немате доволно финансии, не мора вашиот проект / идеја да пропадне. Почнете со дел од него, кој нема потреба од огромни инвестиции и со тек на време развивајте ја идејата. Вие што имате повеќе средства на располагање, не се плашете да инвестирате во некој интересен бизнис модел. И да ви пропаднат парите, бидете среќни дека сте направиле нешто добро за општеството, за некој млад и успешен професионалец и на крај, за вас самите.
Најважно е да не чекаме некој друг да ја подобри атмосферата. Секој колку може да придонесе за развој и за поттикнување на младите, креативни претрпиемнички умови.
Со успех во промените.