За целите на одржливиот развој потребно е да се издвојат четири трилиони долари годишно, изјави денеска претседателот на Светска банка Аџеј Банга на конференцијата за одржливост во Хамбург.
Според него, владите, филантропите и мултилатералните развојни банки можат да одвојат приближно 300 милијарди долари, што значи дека е неопходно да се премости „големиот јаз“ во финансирањето со помош на приватниот сектор.
Тој предупреди дека 1,2 милијарди млади луѓе на глобалниот југ или пазарите во развој ќе влезат на пазарот на труд во следните 15 години, додека тие земји можат да создадат само нешто повеќе од 400 милиони работни места во истиот период.
Банга изјави дека на инвеститорите во овие земји им е потребна јасна регулаторна политика и осигурување од политички и комерцијален ризик.
„Имаме инструмент што го нарекуваме МИГА. Банката има многу акроними, но овој се однесува на обезбедување осигурување на инвеститор од приватниот сектор во една земја во случај да не се исполнат обврските што им било кажано дека ќе ги добијат“, додаде претседателот на Светска банка, пренесува Танјуг.
Тој потсети дека Светска банка се обврза да поврзе 300 милиони луѓе во Африка со енергија од обновливи извори, заедно со Африканската банка за развој и фондацијата Рокфелер.
„Само да бидам јасен, 600 милиони луѓе во Африка денес немаат струја. И јас сметам дека електричната енергија е основно човеково право“, рече Банга.
На средбата учествуваат шефови на држави, претставници на приватниот сектор, академската заедница, граѓанскиот сектор и меѓународните организации.