Во просториите на Стопанската комора на Македонија во петокот се одржа настан под мотото Подигнете го вашиот бизнис на сосема ново ниво.
Настанот беше организиран од охридската фирма Инфо Биро во соработка со GS1, Македонската асоцијација за нумерирање на артиклите и надворешниот соработник Pantheon Group од Словенија.
Фирмата ИнфоБиро, која учествуваше со своите апликации и решенија, се престави со модулот за автоматски нарачки кој е голема поддршка на EDI системот (Electronic data interchange).
ЕDI системот е всушност сервис за електронска размена на податоци/нарачки помеѓу купувач и добавувач, без разлика каква софтверска апликација се користи.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, се обрати на присутните во салата истакнувајќи дека оваа нова софтверска алатка ќе придонесе за освојување на пазарот и дека со неа ќе заврши процесот на етаблирање на македонските бизниси на нови основи кој започна во почетокот на 90 тите години.
Воведен збор во име на организаторите даде и госпоѓата Слаѓана Милутиновиќ, директор на GS1 Македонија, која посочи дека не само големите, туку и малите и средни претпријатија можат да го користат EDI системот. Таа притоа истакна и дека со користење на овој сервис за електронска размена на податоци, компаниите би ги намалиле трошоците до 20% и би заштедиле време.
На настанот зборуваше и господинот Павел Грахоња, директор на Pantheon Group од Словенија кој подетално го објасни процесот на функционирање на ЕDI системот.
Беа презентирани и два пилот проекти: Тинекс МТ ДООЕЛ Скопје и Пекабеско АД Скопје, како и Виталиа ДОО Скопје и Sligro синџир маркети од Холандија, преку кои присутните можеа да видат како овој систем за автоматско генерирање на нарачки/податоци го отвара патот кон поефикасна бизнис комуникација.
Како презентери на овој настан се јавија Марко Митрески (ИнфоБиро Охрид) кој зборуваше за системот на автоматски нарачки, Слаѓана Милутиновиќ и Билјана Рембовска (GS1) кои говореа за GS1, основа за ЕDI системот, како и преставници од Тинекс, Пекабеско и Виталија.