Превозниците четврти ден ги блокираат граничните премини, Европската комисија денеска за новата визна стратегија

Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора го блокираат товарниот сообраќај на премините со земјите од Шенген зоната четврти ден, а се очекува Европската комисија денес да ја објави работната верзија на новата стратегија за визи на ЕУ, која треба да предвиди системско решение за професионалните возачи од земјите надвор од Шенген зоната во форма на специјални визи.

Превозниците протестираат против новиот систем за влез и излез од Европската Унија, кој според нив го ограничува престојот на возачите во Шенген зоната, како и против несоодветната реакција на европските институции.

Раководителот на Центарот за регионална соработка на Српската стопанска комора, Александар Радовановиќ, претходно за Танјуг изјави дека е најавено дека Европската комисија денес ќе ја објави работната верзија на новата стратегија за визните режими на ЕУ, и дека ќе предвиди дека професионалните возачи веројатно ќе бидат во категоријата што може да добие посебна виза.