Презафатеност – тренд на денешницата

77

Oдамна се немате видено со блиските пријатели, никако не можете да ја прочитате книгата што сте ја купиле пред два месецa, немате време за одмор, постојано сте под стрес и чувствувате дека времето ве прегазува? Колку пати до сега ви се има случено да договарате да се видите со некој пријател или пријателка, а тоа видување секогаш го одложувате “за некој друг ден, премногу сум зафатен/а!?“

Универзалната константа која сите ја разбираме е презафатеноста. Но, дали стилот на живот треба да ни биде предодреден од презафатеноста или дали нешто може да направиме околу тоа со цел да си го подобриме квалитетот на живот?

Зафатеноста е форма на натпревар или статусен симбол? “Ако сте презафатени, тогаш сте успешни!?“ Но, дали тоа е така? Не.  Негативните страни од презафатеноста се многубројни: зголемено ниво на стрес, неможност за концентрација, проблеми со спиењето, а бидејќи постојано ве прогонува чувството дека ништо не можете да постигнете, ве прави несреќни и неисполнети. Постојат повеќе совети кои можат да ви помогнат да се ослободите од ова чувство, еве неколку совети кои јас ги применувам, и досега многу ми помогнале:

  • Поставете приоритети – не може секоја обврска да ви биде подеднакво важна. Поставете приоритети и посветете им доволно внимание. Исто така, чувството на презафатеност е и начин на размислување. Наместо да ве фаќа паника колку обврски имате, убаво разгледајте го вашиот распоред и одредете кои нешта се најважни и кои обврски се неопходно да ги завршите веднаш.
  • Направете план – клучно е претходно да направите планза да се осигурите дека нема да заборавите нешто. Најдобро е наутро да станете порано 15 или 20 минути, убаво на лист напишете ги вашите најважни обврски за денот. Планирањето, исто така, е добро, бидејќи на тој начин вие сте тие што го контролирате вашиот ден и вашите обврски, контролата е во ваши раце.
  • Создадете време за одмор – искористете го одморот за одмор. За да постигнете најдобри резултати, треба да бидете одморени. Ова секогаш ќе биде точно без оглед колку сте презафатени. Дали ви преминува во навика, времето предвидено за одмор да го користиме за да завршиме уште некоја обврска, да се провери електронска пошта, да се проследат новости дури се јаде и слично?
  • Внимавајте со мултитаскинг – правењето повеќе работи одеднаш, стана уште една одлика на современиот човек која само привидно го прави попродуктивен, а всушност го оптоварува дополнително.
  • Кажете “Не“ – бидејќи презафатеноста е конструкција и начин на размислување кој самите сме го создале, само од нас зависи дали ќе се препуштиме да бидеме презафатени или ќе создадеме време за нештата и луѓето што ни се важни. Најдобро е сами да процениме дали треба целиот товар за сите обврски да го преземеме или доволно е да кажеме НЕ.
  • Секогаш имајте време за нештата кои ги сакате – животот е поубав и побогат кога ќе се дружиме со луѓето кои ги сакаме и ги правиме работите кои нѐ исполнуваат. Toa ќе ни даде дополнителен елан и мотивација за да бидеме подобри во сѐ. Затоа, да одвоиме време за тоа што го сакаме и да го живееме секој слободен момент во целост.

Со успех во промените.