Презентација на самите себе

245

Секој ден, секој од нас, на овој или на оној начин се презентира пред друг/други. Ги презентираме некои од нашите сервиси или продукти кои ги нудиме или, пак, самите себеси.

Но, она што го забележувам, во последно време, е дека при тие презентации воопшто не обрнуваме внимание на презентацијата, а најмалку на нас самите. Мислиме дека луѓето околу нас на кои им се презентираме или ги презентираме нашите услуги имаат потреба од нас, па самиот момент на презентација не го земаме за сериозно.

Но, драги мои читатели, не е баш така. Сè, ама баш сè се вбројува во тоа дали ќе сакаат да соработуваат со вас или не, па вклучително и тоа како вие се презентирате. Затоа:

  • Облека – немојте да дозволувате она што го носите да го привлекува вниманието на она што сакате да го кажете. Од друга страна, имајте облека во која ќе можете да се чувствувате комотно.
  • Зборувајте чисто – бидете сигурни во она што го зборувате и немојте да замуцкувате или да правите долги паузи.
  • Технички детали – ако при зборувањето користите некои технички детали, објаснете ги, но прво прашајте дали соговорникот/соговорниците ги знаат за да се осигурите дали да инвестирате време во објаснување или не.
  • Паузи – немојте да кажете сè во еден момент, туку правете паузи. Со тоа ќе си дадете момент за да се одморите и да размислите што да кажете следно, но ќе оставите и простор за другите да размислат и да процесираат што сте кажале или сте сакале да кажете.
  • Коса и шминка – немојте да одите на презентација со несредена коса и нападна шминка (за тие што употребуваат шминка).
  • Време – немојте да одземате многу време. Нека ви биде презентацијата кратка и јасна. Ако видите дека другата страна е заинтересирана, тогаш продолжете, во спротивно, прекинете.
  • Култура – однесувајте се културно, и ако се знаете со луѓето извинете се што прекинувате или претставете се или кажете барем добар ден.
  • Однесување – никако надмено однесување, како вие да знаете сè, а тој/таа/тие од другата страна немаат појма.
  • Телото – внимавајте на телото, немојте многу да мрдате лево-десно или да се клатите. Барем за момент бидете мирни, со тоа ем ќе бидете повеќе сконцентрирани ем ќе имате поголем фокус на тоа што го зборувате.
  • Фокус – додека презентирате, бидете со луѓето со кои зборувате, не да правите нешто друго или да дозволите нешто друго да ви го одзема вниманието. Фокусот нека ви биде насочен кон слушателите.
  • Говор на телото – употребувајте, но немојте премногу да се занесете со мавтање на рацете, главата или не знам што…

Ете гледате, не е сè до самата презентација туку и има многу и за вас самите. Затоа, кога се презентирате себеси или некои ваши продукти, внимавајте и на себе, може на тоа да “паднете“!

Со успех во променитe.