Презентација за соларни системи во земјоделското производство во Пелагонија

333

Утре во хотелот Кристал Палас во Прилеп, со почеток од 10:15 часот, здруженијата ЛАГ Агро Лидер и Солар Македонија ќе одржат заедничка презентација пред фармери од Пелагонија на тема внесување на соларни системи во земјоделското производство во регионот. Со здружени сили, двете организации ќе работат на модернизација и зголемување на рентабилноста на фармите во регионот преку употреба на обновливи извори на енергија.

Настанот е поддржан од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем кој неодамна на двете здруженија им додели грантови за развој на работната сила и локалната економија.

Солар Македонија, преку активностите од грантот, ќе се бави со одржување тренинзи за монтажери на соларни системи, додека пак ЛАГ Агро Лидер ќе нуди техничка помош и експертско знаење на фармерите од пелагонискиот регион. Комбинирајки ги знаењата на ЛАГ Агро Лидер со вештините на Солар Македонија, Проектот ќе работи на опремување на пелагониските фарми со соларни систем кои ќе ги намалат трошоците за електрична енергија по фарма.

Здружението за рурален развој Локална акциона група (ЛАГ) Агро Лидер е доброволно, непрофитно, невладино, непартиско здружение, формирано со слободно здружување. Како членска организација, ЛАГ Агро Лидер овозможува заедничка соработка на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, а преку информирање, едукација и активирање на населението ќе обезбеди долгорочен развој на руралните средини на територијата на Општините Долнени, Кривогаштани, Крушево и Прилеп.

Солар Македонија е здружение за промоција на употребата на соларна енергија во Македонија преку истражувања, развојни активности, воведување на стандарди за квалитет и добри бизнис практики, и воспоставување на стабилен пазар на соларна енергија. Солар Македонија е членска организација во која членуваат 21 македонска компанија од секторот за соларна енергија, вклучувајќи производители, дизајнери, монтажери и трговци.

Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем ќе ја зајакне конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија (ММСП) во Македонија преку подобрување на деловните услуги, финансирањето и пазарните врски со цел потикнување на пораст на продуктивноста и вработувањата во ММСП. Преку својата прва компонента, Проектот соработува со организации за бизнис поддршка во  идентификување и подобрување на недостатоците присутни во македонското деловно опкружување. Овој настан го одбележува почетокот на заедничките активности кои Проектот планира да ги спроведе со бизнис организациите во текот на наредните три години.

Фото: Pexels